Линкови за пристапност

Бомбаш самоубиец убил четворица од Светската  програма за храна во Пакистан


Полицијата во Пакистан вели дека бомбаш самоубиец предизвикал експлозија во Светската програма за храна во главниот град на Пакистан, Исламабад, убивајќи најмалку четири лица.

Пакистанскиот Министер за внатрешни работи, Реман Малик, кажа дека бомбашот носел униформа на лице од обезбедувањето и употребил околу осум килограми на експлозив.

Малик кажа дека нападот бил со намера да ја одврати пакистанската влада од борбите со милитантите, но додаде дека операциите во Сват и Вазиристан ќе продолжат.

Претставници на Светската програма за храна велат дека тројца Пакистанци и еден Ирачанец се меѓу загинатите. Тие велат дека неколкумина други се ранети, а некои се во критична состојба.

Неколку часа по нападот Обединетите нации кажаа дека привремено ги затвораат канцелариите во главниот град.

Иако никој не ја презел одговорноста, бомбашкиот напад доаѓа само еден ден откако новото пакистанско талебанско раководство кажа дека ќе се одмазди за убиството на нивниот лидер Баитула Мехсуд во ракетен напад.

Светската програма за храна обезбедуваше помош во храна на околу два милиони пакистански цивили раселени заради конфликтот во регионот на Долината Сват.

XS
SM
MD
LG