Светската банка предупреди дека нема гаранции дека глобалната економија ќе се извлече од најдлабоката рецесија во последните неколку децении.
Претседателот на Светската банка Роберт Зелик смета дека без оглед на одредени знаци на подобрување, многу од земјите со помали примања и натаму страдаат, погодени од намалената побарувачка за извоз и намалувањето на приливот на средства од нивните државјани кои работат во странство.
За време на прес-конференцијата во Истанбул, каде се одржуваат редовните годишни средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Зелик предупреди и на фактот дека високото ниво на невработеност и натаму претставува голема закана за многу земји.
Управниот директор на ММФ Доминик Штраус-Кан, пак, го покрена прашањето за новата улога на Групата 20 (Г-20). Лидерите на развиените и земјите во развој минатата недела на средбата на Г-20 во Питсбург, американската сојузна држава Пенсилванија, ја именуваа како главна организација за донесување на економски одлуки. Штраус-Кан смета дека членството во Г-20 не се одредува на „научна“ основа и тврди дека и` недостасува доволна застапеност од одредени региони, како оние од Африка, на пример.
Штраус-Кан ги повика светските влади да го зголемат финансирањето на ММФ за да го зголеми капацитетот за спречување на кризи. Заложбата на Г-20 за 500 милијарди долари беше само привремена, рече првиот човек на ММФ, и без потрајно зголемување на фондовите, земјите може да почнат да се двоумат дали да побараат помош од ММФ. Штраус-Кан предупреди дека тоа може да резултира со вонредни акции од страна на владите и ризик од економска дестабилизација.