Американскиот претседател Барак Обама се сретна со командантот на американските и НАТО-силите во Авганистан, генералот Стенли Мекристал, на дискусија за евентуална промена на стратегијата и планираното зголемување на бројот на војници во земјата.
25-минутната средба се одржала во претседателскиот авион Еар Форс 1 на аеродромот во Копенхаген. Обама беше во главниот град на Данска да лобира за кандидатурата на Чикаго за домаќин на летните Олимписки игри во 2016-та.
Генералот Мекристал, кој допатува од Лондон, неодамна предупреди дека без дополнителни сили, мисијата во Авганистан може да доживее неуспех. Тој побара дополнителни 40.000 војници.
Обама ја разгледува американската стратегија во војната во Авганистан што наскоро ќе наврши осум години од започнувањето. Американски, НАТО и авганистански војници наидуваат на цврст отпор од Талебан во Авганистан. Политичката стабилност во земјата исто така беше доведена во прашање по оспорените претседателски избори во август.