Израел ослободи 19 Палестинки во замена за видео-снимка на израелски војник кого го заробиле палестински милитанти.
Израелските власти ја прифатија размената откако најпрвин потврдија дека снимката со Гилад Шалит, кого го заробија милитанти од Газа за време на прекуграничен упад во 2006-та, е веродостојна. Шалит не е виден уште од заробувањето.
Египет и Германија посредуваа во постигнувањето на размената на која се гледа како на чекор кон евентуална поширока спогодба за размена на стотици палестински затвореници за војникот.
Претходно неделава, израелскиот претседател Шимон Перес предупреди дека договорот за ослободување на војникот најверојатно е далеку од тоа да стане реалност.
Милитантната група Хамас најави дека натаму ќе инсистира да бидат ослободени стотици виши палестински затвореници пред да ја разгледа можноста за ослободување на Шалит.