Линкови за пристапност

Барак Обама лобираше Чикаго да стане домаќин на Олимписките игри 


Американскиот претседател Барак Обама му порача на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) дека Чикаго, градот што тој го смета за свој дом, е „подготвен и со нетрпение очекува“ да биде домаќин на летните Олимписки игри во 2016-та. Тој ова го изјави во Копенхаген, каде МОК се состана за да реши кому да ја додели организацијата на Игрите.

Обама говореше за својата љубов кон Чикаго, каде се доселил пред 25 години за да работи како активист во локална заедница. Првиот човек на САД истакна дека Чикаго ја негува својата богата етничка разноликост и го нарече место „каде нашето единство се покажува на колоритен начин“. Обама е првиот американски претседател кој лобирал пред МОК за добивање на организацијата на Олимписките игри.

Првата американска дама Мишел Обама во обраќањето пред МОК кажа дека изборот на нејзиниот роден град за Олимпијадата би донел ведрина во соседствата, и воопшто, во животите ширум светот.
Во конкуренција за организацијата на Олимписките игри се и Токио, Рио де Жанеиро и Мадрид.

Обама мина само неколку часа во Копенхаген пред да замине за Вашингтон. Тој најверојатно се` уште ќе биде на пат кога претседателот на МОК Жак Рог ќе ја објави одлуката.

За време на средбата со членовите на МОК, Обама кажа дека еден од трајните одрази на Олимпијадата 2016-та во Чикаго е дека „Америка во својата суштина е отворена кон светот“.

Мишел Обама беше во Копенхаген уште од средата, придружувајќи се на останати истакнати личности од Чикаго во лобирањето, како познатата ТВ-водителка Опра Винфри. Барак Обама првично реши да не замине за Копенхаген поради тековната дебата за здравствена заштита во американскиот Конгрес. И покрај тоа што Обама во Копенхаген престојуваше кусо време, сепак наиде на критика. Првиот човек на републиканците во Претставничкиот дом Џон Бонер рече дека претседателот не требал да замине за Данска кога дома постојат сериозни прашања.

Во Данска лобираа и други државници – за Рио де Жанеиро бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, за Токио јапонскиот премиер Јукио Хатојама, а за Мадрид шпанскиот крал Хуан Карлос и премиерот Хозе Луис Родригез Запатеро.

XS
SM
MD
LG