Меѓународниот олимписки комитет (МОК) го одбра Рио де Жанеиро за домаќин на летните Олимписки игри во 2016-та. Претседателот на МОК Жак Рог го прогласи победникот на средбата во Копенхаген. МОК гласаше откако претходно слушна излагања за секој од четирите градови лично од истакнати државници.
Чикаго прв отпадна во гласањето, и покрај личната заложба на американскиот претседател Барак Обама. Токио отпадна во втората рунда, со што Рио остана да се натпреварува со Мадрид.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во излагањето истакна дека Јужна Америка ниту еднаш не била домаќин на Олимписките игри, уште од самиот почеток на модерното олимписко движење во 1896-та. Делегацијата на Бразил со ерупција на воодушевување ја дочека веста дека ја добила организацијата. Исто беше и во Бразил, каде илјадници луѓе собрани на познатата плажа Копакабана во Рио танцуваа и вееја бразилски знамиња.
Обама пред членовите на МОК лобираше дека Чикаго - градот што го смета за свој дом е „подготвен и со нетрпение“ очекува да биде домаќин, додека јапонскиот премиер Јукио Хатојама истакна дека Токио на светот може да му понуди игри што ќе бидат во согласност со заштита на животната средина. Шпанскиот премиер Хозе Луис Родригез Запатеро го опиша Мадрид како сигурен кандидат, истакнувајќи дека веќе поседува 77 проценти од неопходната инфраструктура за организирање на игрите.