Линкови за пристапност

ММФ ја зголеми прогнозата за економски растеж


Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) смета дека светската економија се извлекува од рецесија побргу отколку што се претпоставуваше.

Според најновиот Светски економски преглед на ММФ, глобалната економија во 2010-та година ќе порасне за 3,1 проценти, за разлика од 2009-та, кога се намали за околу 1 процент. Порастот е повеќе од последната прогноза во јули, кога извештајот предвиде пораст од 2,5 проценти. ММФ вели дека порастот се должи на намалувањето на каматните стапки и други стимулативни мерки.

Сепак, главниот економист во ММФ Оливие Бланшард предочува дека подобрените бројки автоматски не значат крај на економската криза. Бланшард ги повика земјите да ги координираат своите економски стратегии, со цел закрепнувањето да продолжи.

Во истражувањето на ММФ стои дека економскиот растеж во Кина, Индија и други азиски земји го движи закрепнувањето во земјите во развој. Во овие земји идната година се предвидува растежот да нарасне на 5 проценти.

Извештајот е објавен воочи редовните годишни средби на ММФ и Светската банка што овојпат се одржуваат во Истанбул.

XS
SM
MD
LG