Линкови за пристапност

Смит: прашањето со името не треба да биде пречка за напредокот на Македонија



На маргините на распитот во Американската хелсиншка комисија за перспективите на Западниот Балкан средата во Вашингтон, конгресменот Крис Смит за Гласот на Америка на македонски коментираше дека спорот околу името по својата суштина не е таков за да претставува сериозна криза:

„Со оглед на тоа дека именувањето на земја станува толкава пречка за напредок, треба да се најде начин Атина да биде задоволна и процесот да појде напред. Кога ќе видите што ги разгорува кризите ширум светот, прашањето со името не треба да биде такво за да предизвика волкава загриженост“, вели Смит.

Конгресменот смета дека Македонија треба да стане членка на НАТО во контекст на регионалната стабилност, укажувајќи на улогата што земјата ја играше во решавање на косовската криза.

„Помнам кога го посетив Стенковец за време на косовската војна. Македонците ја отворија границата и во Стенковец имаше илјадници луѓе од Косово кои подоцна се вратија во своите домови. Сметам дека Македонија треба да добие признание што згрижи толку бегалци. Македонија треба, како и другите земји во регионот, колку порано, толку подобро да стане членка на НАТО и дел од новата Европа“, вели Смит, републиканец од Њу Џерси.

Без оглед на историската димензија на спорот, Смит подвлекува дека тој не треба да биде пречка за членство во НАТО: „Од оваа страна на Атлантикот е тешко целосно да разбереме - иако знам дека спорот со името е стар, оди наназад векови - како тоа може да биде таква пречка кон напредок“.

Смит во тој контекст има само еден совет - да продолжи дијалогот.

На распитот во организација на Американската хелсиншка комисија во средата, американскиoт заменик-помошник државен секретар Стјуарт Џонс брифираше дека Македонија ќе добие покана за НАТО веднаш откако ќе биде решен проблемот околу името со Грција, додека Бјорн Лирвал, генерален директор за политички прашања во Министерство за надворешни работи на Шведска, која во моментов претседава со ЕУ, подвлече дека земјата треба да биде наградена за реформските напори, како и дека спорот не треба да биде пречка за нејзината европска интеграција.

XS
SM
MD
LG