Линкови за пристапност

Средба Обама - Расмусен во Белата куќа


Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен вели дека Сојузот е посветен да постигне успех во Авганистан и дека ќе остане во земјата се` додека работата не е завршена.

По вторничката средба во Белата куќа со американскиот претседател Барак Обама, Расмусен изјави дека се согласува со пристапот на Обама за проценка на воената стратегија во Авганистан. Тој рече дека НАТО-сојузниците во моментов го разгледуваат прегледот на ситуацијата што го направи главниот командант на силите во земјата, генералот Стенли Мекристал.

Обама кажа дека САД и НАТО се согласни дека е од клучно значење да се растури мрежата на Ал-Каида и ефикасно да се соработува со авганистанската влада за да се постигне безбедност во земјата.

Обама и Расмусен разговарале и за новиот американски план за ракетна одбрана во Европа. Генералниот секретар на НАТО го поздрави предложениот систем и очекува дека ќе го зголеми заедништвото во рамки на Сојузот.

Во понеделникот, Расмусен во говор во Вашингтон се обиде да ги отстрани американските сомнежи за посветеноста на НАТО-земјите на борбата во Авганистан. Поранешниот премиер на Данска, кој ја презеде позицијата број еден во НАТО на 1-ви август, наведе дека САД несомнено се незаменливи во мисијата, но кажа и дека европските земји и Канада ќе бидат поненаклонети да се жртвуваат доколку се занемарува нивниот придонес. Расмусен кажа дека американските сојузници не бегаат од борбата, истакнувајќи дека бројот на неамериканските сили се зголемил за 9.000 војници во последните 18 месеци.

Тој ја уважи потребата за поголеми ресурси во борбата против Талебан во време на растечки број на жртви и опаѓање на јавната поддршка.

XS
SM
MD
LG