Линкови за пристапност

Расмусен го брани на придонесот на НАТО во Авганистан


Генералниот секретар на НАТО Андреас Фог Расмусен вели дека Сојузот останува посветен на борбата во Авганистан и покрај растечкото насилство во земјата и се` поголемиот број жртви меѓу американските и НАТО-сили.

Во првото обраќање во Вашингтон откако ја презеде функцијата минатиот месец, Расмусен истакна дека ја разбира желбата на САД - сојузниците во НАТО да дадат повеќе војници и средства во Авганистан, но застана во одбрана на досегашниот придонес во текот на осумгодишната мисија во земјата.

„Нема од никого да го прифатам аргументот дека Европејците и Канаѓаните не ја плаќаат цената за успехот во Авганистан. Тие го прават тоа“, изјави Расмусен.

Тој подвлече дека сите 28 земји-членки на НАТО учествуваат во мисијата и дека бројот на војници од други земји освен САД во последните 18 месеци нараснал за 9.000. Расмусен одговори директно на критиката во САД на адреса на НАТО, вклучувајќи ја и онаа од неколку конгресмени, кои ги обвинуваат европските влади за скратување на одговорностите.

„Да се омаловажи придонесот на Европа и Канада, како што понекогаш прават некои во САД – тоа може да сe претвори во самозададено пророштво што се исполнило. Ако Европа и Канада започнат да сметаат дека нивните напори и жртви во НАТО не се признаваат и веруваат, може да се случи да бидат се` помалку мотивирани да ги направат тие напори и жртви, а тоа не е во ничиј интерес“, вели првиот човек на НАТО.

Холандија и Канада зададоа распореди за повлекување на своите сили од Авганистан. Владата на американскиот претседател Барак Обама, пак, во моментов врши стратешка проценка на мисијата во Авганистан, откако испрати дополнителни 21.000 војници во земјата.

Расмусен смета дека мисијата на Авганистан е индикативна за континуираната релевантност на НАТО. Со ист став е и американскиот сенатор Ричард Лугар.

„Не верувам дека Авганистан го дефинира успехот или неуспехот на НАТО. Импресиониран сум од фактот дека бројни земји-членки на Алијансата испратија војници во Авганистан и остануваат таму. Претпоставувам дека тоа го чинат поради чувството на сојуз со САД и еден со друг“, вели Лугар.

Па сепак, генералниот секретар кажа и дека НАТО не може неограничено да остане во Авганистан. Тој повика на интензивирање на обуката и опремувањето авганистанските безбедносни сили, велејќи дека на крајот, токму авганистанскиот народ ќе биде оној кој ќе мора да го преземе раководството за стабилизирање на својата земја.

XS
SM
MD
LG