Линкови за пристапност

Распит во Американската хелсиншка комисија за Западниот Балкан


На распит во организација на Aмериканската хелсиншка комисија во Конгресот во вторникот во Вашингтон се разгледуваа предизвиците со кои се соочува Западниот Балкан. Со распитот претседаваа демократите - сенаторот од Мериленд Бен Кардин и конгресменот од Флорида Алси Хастинг, кои раководат со ова независна агенција на американката влада задолжена за почитување на Хелсиншкиот договор.

По еднодецениска макотрпна работа има огромен напредок во регионот во правец на целосна евроинтеграција, изјави Стујарт Џонс, американски заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања. Сепак, тој изрази загриженост за развојот на политичката состојба во Босна и се` погласните повици за нејзина поделба.

Одлуката за признавање на независноста на Косово, пак, е неповратна, рече Џонс, но предочи дека таму се` уште има незавршени задачи, како враќање на Србите во своите домови и јакнење на мултиетничкиот карактер.

Џонс ја илустрираше американската помош за Балканот со податокот дека таму во 2009-та се инвестирани 160 милиони долари преку разни програми од Стејт департментот за унапредување на политичките процеси.

За Македонија Џонс брифираше дека земјата ќе добие
покана во НАТО веднаш откако ќе биде решен проблемот околу името со Грција.

Прашан од сенаторот Кардин дали, независно од тоа кој ќе победи на вонредните избори во Грција, е можно да се создаде позитивна клима за пронаоѓање решение за спорот околу името, Џонс ја подвлече позитивната клима изминативе неколку месеци:

„Имаме интезивни контакти со македонската и грчката влада за ова прашање изминатите неколку месеци, па и години. Задоволни сме од изјавите и однесувањето на македонската влада, особено изминатите осум месеци. Мислам дека на македонската влада треба да се пофали за подобрување на билатералната атмосфера што ќе олесни да дојде до решение. Ќе почекаме да завршат изборите во Грција, па ќе продолжиме онаму каде застанавме и ќе охрабриме двете влади да тргнат напред“, кажа Џонс.

Бјорн Лирвал, генерален директор за политички прашања при министерство за надворешни работи на Шведска, која во моментов претседава со ЕУ, подвлече дека спорот со Грција не треба да биде пречка за евроатлантската интеграција на Македонија:

„Според Европската комисија, Македонија е близу до исполнувањето на критериумите и препораката за почеток на преговорите за членство во Унијата може да биде објавена за време на шведското претседателство со ЕУ. Земјата треба да биде наградена за реформските напори и нерешениот спор со Грција не треба да биде пречка за почеток на преговорите. Тоа прашање треба да се реши билатерално, со посредство на ОН“, рече Ливрал.

XS
SM
MD
LG