Се подгрева температурата на политичката сцена во Македонија, особено на планот на чувствителните меѓуетнички односи, а како реакција на Македонската енциклопедија објавена од МАНУ во која се наведени контроверзни податоци за Албанците во Македонија.
Реакциите се проширија и во регионот. Во дебатна емисија во Тирана, лидерот на ДУИ Али Ахмети предупреди на опасни последици од ставовите објавени во енциклопедијата. Според Ахмети, примирјето склучено во 2001-вата по воениот конфликт е прекршено.
„Господинот Груевски даде изјава за јавноста, која изјава според мое мислење не е доволна, треба да се произнесе отворено и да се осуди овој чин кој поттикнува војна. Примирјето е прекршено од заедницата на која припаѓа и самиот господин Груевски и за оваа толку ниска провокација мислам дека господинот Никола Груевски треба да биде вознемирен колку што сум и јас", изјави Ахмети во Тирана, од каде што исто така стигаат остри реакции на ставовите во енциклопедијата.
Ахмети бара премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов со свои изјави лично да се оградат од она што е напишано во Македонската енциклопедија.
Груевски, пак, даде изјава со која смета двете страни,како што вели, треба да седнат и да разговаарат за овие прашања за кои постои недоразбирање. Но, ДУИ и другите етнички албански политички партии сметаат дека тоа не е доволно, туку дека претседателот и премиерот треба јасно да се оградат. Од Кабинетите, како на Иванов, така и на Груевски, нема коментар на ова барање.
Членовите на високото раководство на ДУИ не ја исклучуваат можноста таа да ја напушти Владата, но таа одлука му ја препуштаат на лидерот на партијата.
Високата температура дополнително ја крева и најаватана Националната демократска унија на Хисни Шаќири, која во четврток организира протести пред Владата, со барање Македонската енциклопедија да се повлече и поништи. Шаќири рече дека не сака да ги испровоцира Македонците, туку јавно да и` порача на Владата, која според него ја има МАНУ под контрола, дека иднината на државата зависи од Албанците.
Во врска со актуелната криза аналитичарите предупредуваат -Ибрахим Мехмети вели дека со ова се создава недоверба меѓу двата етникума.
„Јас не мислам дека сега може да се повтори војната, меѓутоа мислам дека може да се случи нешто многу полошо, а тоа е да почне нов циклус на недоверба, оти ова, со овие одредници, на начин на што тие беа напишани, раѓа недоверба кај Албанците, за тоа што мислат Македонците за нив", вели Мехмети.
Во МАНУ засега молк. Уредникот на контроверзните делови од енциклопедијата Блаже Ристовски одби да ги коментира резултатите од последното заседание на редакцијата на енциклопедијата.