Линкови за пристапност

Македонскиот претседател е за решение што ќе претставува разумен и фер компромис


Претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред 64-тото Генерално собрание на ОН најнапред се осврна на последиците од глобалната финансиска и економска криза. Тој ја потенцираше неопходноста Светската организација да придонесе за олеснување на ефектите од кризата и да помогне да се спречат нови, но кажа дека тоа не треба да ја дефокусира од апсолутниот приоритет - имплементацијата на Милениумските развојни цели.

Претседателот Иванов ги истакна климатските промени како еден од најголемите предизвици на човештвото и рече дека нема време за одлагање на акцијата против нив. „Ако итно и неодложно не воспоставиме највисоки и одржливи стандарди за односот кон природата, истата, сведоци сме, немилосрдно го возвраќа ударот", рече Иванов.

Македонскиот претседател смета дека мултилатерализамот е единственото решение за глобалните кризи. „Република Македонија и јас лично, силно веруваме и се залагаме за ефективен мултилатерализам. Веруваме дека зајакнувањето на мултилатеризмот нема алтернатива за натамошниот развој и афирмацијата на примарните цели - мирот, демократијата и човековите слободи и права, и почитувањето на меѓународното право и принципи", кажа првиот човек на македонската држава.

Тој потсети дека Македонија претставува уникатен пример на успешен мултиетнички и мултиконфесионален соживот. „Самитот за Дијалог меѓу цивилизациите кој се одржа во Охрид, Република Македонија, во 2003-та година со помош и поддршка на ОН, прерасна во еден специфичен тип на редовни годишни состаноци на највисоко ниво, кои под покровителство на УНЕСКО редовно се одржуваат во регионот на Југоисточна Европа", рече Иванов и додаде дека тоа не што претставува признание само за земјата, туку истото ја демонстрира вредноста на Дијалогот, во функција на безбедноста и развојот.

Во контекст на евроатлантската иднина и перепективите на Македонија, Иванов оцени дека денес земјата заслужено очекува почеток на пристапните преговори со ЕУ. „Ги исполнивме сите предвидени услови за членство во НАТО. Мојата земја е активен и силен поддржувач на регионалната соработка и останува цврсто посветена на добрососедските односи, на дијалогот како клучна алатка за надминување на сите отворени прашања во регионот", истакна Иванов.

Според Иванов, Македонија е искрено посветена на процесот на решавање на разликите околу името со Грција во рамките на механизмот воспоставен со Резолуциите на ОН.

„Република Македонија, и покрај апсурдноста на спорот, искрено се надева дека наскоро ќе биде отстранета единствената пречка која не спречува да го заземеме заслуженото место, во евроатлантското семејство. За таа цел, и покрај флагрантното кршење на меѓународните обврски преземени од страна на нашиот сосед, за што, Република Македонија поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата, верувајќи во силата на дијалогот, ние активно и конструктивно учествуваме во процесот на разговори со Република Грција", кажа македонскиот претседател.

За односот во преговарачкиот процес, Иванов наведе дека Македонија е подготвена за решение што го опиша како разумен и фер компромис, што на ниеден начин нема да задира ниту да го оспорува националниот, културен и јазичен идентитет, и решение што треба да добие легитимитет од граѓаните.

„Се надеваме дека Република Грција ќе ја напушти политиката на настап од позиција на сила за да влијае недобронамерно врз исходот на разговорите околу спорното прашање", рече Иванов во обраќањето пред 64-тото Генерално собрание на ОН.

XS
SM
MD
LG