Линкови за пристапност

Иванов се обрати пред Генералното собрание на ОН


Климатските промени, мирот и безбедноста воопшто, а членството на Македонија во евроатлантските структури и спорот околу името посебно, беа централните теми на кои говореше првиот човек на македонската држава во обраќањето пред 64-тото Генерално Собрание на ОН.

Ефикасен одговор на глобалните кризи и одржувањето на светскиот мир Ѓорге Иванов гледа во јакнење на мултилатерализмот, како и подобрување на кохерентноста на системот на ОН. Стави акцент на дијалогот, а Република Македонија ја отслика како уникатен пример на успешен мултиетнички и мултиконфесионален соживот и силен поддржувач на регионалната соработка, добрососедските односи и дијалогот како начин за надминување на сите отворени прашања на Балканот.

Подвлекувајќи дека сите македонски влади работеле на една иста цел - интеграцијата во ЕУ и НАТО, Иванов рече дека противењето на Грција на членството на Македонија во НАТО било спротивно на обврските согласно Времената спогодба од 1995-та. Без оглед на минатото во спорот околу името, Иванов потенцираше дека Македонија е посветена на процесот во рамки на ОН, а кажа и дека земјата верува во Меѓународниот суд на правдата.

Нарекувајќи го спорот апсурден, Иванов сепак рече дека Македонија е подготвена да разговара за нешта кои се предвидени во Резолуциите на ОН и е подготвена за решение што го објасни како разумен и фер компромис, што на ниеден начин нема да задира ниту да го оспорува националниот, културен и јазичен идентитет, и решение што треба да добие легитимитет од граѓаните.

Македонскиот претседател за денес има и средба со Генералниот секретар на Светската организација Бан Ки-мун.

XS
SM
MD
LG