Линкови за пристапност

Роберт Мугабе ги критикуваше санкциите против неговата земја 


На третиот ден од дебатата во Генералното собрание на ОН се очекува да се обратат преку 20 светски лидери, меѓу кои и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Иванов ќе има и средба со Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Прв на говорницата денеска излезе претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе. Тој ги обвини западните земји за воведување на „илегални санкции“ врз неговата земја.

Мугабе рече дека странските сили „енергично“ работат на разединување на партиите во, како што ја нарекува, „севкупната“ влада на Зимбабве. Тој не именуваше за кои земји станува збор.

Во февруари, Мугабе формира влада на единство со премиерот Морган Цвангираи, поранешен опозиционен лидер. Цвангираи ги обвини политичарите лојални на Мугабе дека продолжуваат со прекршување на законите и игнорирање на меѓународните договори.

Вчера пред Генералното собрание се обратија израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и претседателот на Венецуела, Хуго Чавез. Нетанијаху истакна дека Иран претставува закана по светскиот мир и оти на иранскиот „фанатички“ режим не треба да му се дозволи да дојде до нуклеарно оружје.

Хуго Чавез го повика американскиот претседател Барак Обама да го укине американското трговско ембарго врз Куба. Тој воедно повика на повлекување на американските трупи од воените бази во Колумбија, велејќи дека таа ситуација претставува закана по мирот во Јужна Америка.


XS
SM
MD
LG