Наџибула Зази по потекло од Авганистан и приведен во САД како дел од истрагата за тероризам, е осуден за подготвување на заговор за детонирање на бомби на американска територија.
Во обвинението издадено во Њујорк, се наведува дека Наџибула Зази минал преку една година подготвувајќи напад врз САД.
Американската влада вели дека Зази добил детални инструкции за изработка на бомба во Пакистан, ги купил деловите за импровизираните експлозивни направи и на 10-ти септември дошол во Њујорк, за да ги реализира своите планови.
Зази беше притворен во сојузната држава Колорадо на 19-ти септември, заедно со неговиот татко, Мухамед Вали Зази, под обвинение дека лажеле пред истражителите. Истиот ден, но во Њујорк, под истите обвиненија е уапсен и трет Авганистанец, Ахмад Ваис Афзали.
Американскиот Оддел за правда вели дека владата се залага Зази да биде префрлен во Њујорк за да се соочи со новото обвинение. Постои можност Зази да добие доживотна казна затвор. Тој порекна секаква поврзаност со тероризам.
Во меѓувреме, американските власти уапсија нови лица осомничени за тероризам.
Во Тексас, 19-годишен Јорданец бил уапсен и обвинет за обид за употреба на оружје за масовно уништување во Далас. Надлежните велат дека Хосам Маер Хусеин Смади се обидел да постави бомба во застаклена деловна зграда висока 60 ката. Смади наводно рекол дека има намера да води света војна во САД.
Во Спрингфилд, Илиноис, властите го уапсиле 29-годишниот Американец Мајкл Финтон, познат како Талиб Ислам, под обвинение дека планирал убиства врз владини работници и за обид да употреби автомобил бомба во федерална судница.
Двете апсења се резултат на тајни операции на Федералното истражно биро.