Линкови за пристапност

Нетанјаху:  Иран е закана за светскиот мир


Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху вели дека Иран претставува закана по светскиот мир и оти на иранскиот „фанатички“ режим не треба да му се дозволи да дојде до нуклеарно оружје.

Во обраќањето пред Генералното собрание на ОН, Нетанјаху запраша дали светската организација стои пред предизвикот да го запре Иран во намерите да произведе атомско оружје.

Израелскиот премиер го потегна прашањето за изјавите на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад дека Холокаустот претставува „мит“. Нетанјаху покажа документи од состанок одржан во 1942 година на кој виши нацистички претставници повикале на истребување на евреите.

Премиерот Нетанјаху истакна и дека Израел е сосема подготвен да склучи мир со Палестинците, но дека тоа мора да биде „вистински“ мир.

Вчера, американскиот претседател Барак Обама во обраќањето пред Генералното собрание на ОН повика на „нова ера на ангажираност“ меѓу земјите, велејќи дека САД нема да можат самите да ги решат светските проблеми. Тој ги повика другите држави да ја споделат одговорноста.

Во средата во ОН се обрати и либискиот претседател Моамер Гадафи, кој за време на 96-минутниот говор, ја осуди работата на Советот за безбедност, го бранеше Талебан и критикуваше историски настани.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад имаше долга беседа посветена на религијата, човештвото и на, како што ги нарекува, светските зла – главно капитализмот, ционизмот и либерализмот.

XS
SM
MD
LG