Линкови за пристапност

Иванов и Нимиц разговараа во Њујорк


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, придружуван од преговарачот, амбасадорот Зоран Јолевски, во четвртокот разговараше со посредникот на ОН во спорот околу името Метју Нимиц. Од Канцеларијата на портпаролот на Генералниот секретар на светската организација ја оценуваат дискусијата како добра. Нимиц најавил дека ќе ги продолжи преговорите кога ќе завршат изборите во Грција и ќе биде формирана новата влада. Посредникот се надева дека дополнително ќе развие извесен импулс во преговорите, што инаку веќе започнало летово со повеќето идеи изнесени на масата, велат во ОН.

Од македонска страна наведуваат дека го истакнале ставот дека Република Македонија е посветена активно да учествува во разговорите на кои очекува да се постигне взаемно прифатливо решение, како и дека тоа треба да го зачува идентитетот, достоинството и интегритетот на македонските граѓани и да се базира врз евроатлантските вредности и принципи на демократијата. Иванов го информирал Нимиц дека Македонија е подготвена да ги продолжи разговорите кога Грција ќе биде подготвена.

Денешните средби на македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Њујорк се главно надвор од Генералното собрание на ОН: со Еврејско-американскиот комитет и со Националната албанско-американска лига. Вечерва, поранешниот американски амбасадор во Унгарија Доналд Блинкен ќе организира посебен прием за Иванов. На приемот ќе учествува Ентони Блинкен, синот на амбасадорот и воедно советник за национална безбедност на потпретседателот Џозеф Бајден.

XS
SM
MD
LG