Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и американскиот заменик-државен секретар Џејмс Стајнберг на билатерална средба средата во Њујорк разговарале за соработката во рамки на Декларацијата за стратешко партнерство што двете земји ја потпишаа во мај 2008-ма.
Според Кабинетот на претседателот Иванов, тој на средбата подвлекол дека договореното заедничко распоредување на македонски и американски војници во Авганистан наредната година, во рамки на соработката на Армијата на Република Македонија и Националната гарда на сојузната држава Вермонт, е доказ за спроведување на Декларацијата во пракса и знак на врвна доверба и компатибилност на македонската армија во поглед на НАТО-стандардите.
Стајнберг го истакнал лидерството и позитивната атмосфера што Иванов ја промовира откако стапи на функцијата, информираше американскиот амбасадор во Република Македонија Филип Рикер по средбата и најави дека помошта од САД ќе продолжи со цел Македонија да ги оствари заедничките цели и интереси, како што е влезот во трансатлантските институции.
Според Рикер, заменикот на државната секретарка Хилари Клинтон ги пофалил напорите за создавање подобра атмосфера во разговорите за разликите околу името и изразил надеж дека и Македонија, и Грција ќе го искористат периодот по изборите во Грција на 4-ти октомври како шанса за повторно придвижување на процесот напред. „САД ќе продолжат да бидат подготвени да го поддржат процесот на Нимиц во рамки на неговото посредништво", рече Рикер. Македонската страна на средбата Иванов-Стајнберг, пак, вели дека предочила оти Македонија останува целосно посветена и вклучена во процесот за инаоѓање на решение.
Тековната контроверза во врска со енциклопедијата на МАНУ било прашање само споменато накусо, во контекст на дискутирање на предизвиците што обете земји ги споделуваат со оглед на фактот дека се повеќетнички, повеќеверски и повеќејазични. „Сите ние треба да работиме на тоа да се обезбеди, како севклучително општество, да можеме да направиме сите заедници да се чувствуваат комотно", коментираше Рикер и посочи на изјавата на Амбасадата на САД за, како што рече, „некои мошне неповолни аспекти на оваа публикација".
Иванов по средбата со Стајнберг присуствуваше на приемот што американскиот претседател Барак Обама го организираше за шефовите на делегациите-учеснички на 64-то Генерално собрание на ОН.
За четврток Иванов планира средби претежно надвор од Генералното собрание – со посредникот на ОН за разликите околу името Метју Нимиц, но и со Еврејско-американскиот комитет, како и со македонски Албанци кои се активни во Националната албанско-американска лига. Средбата со Нимиц од Кабинетот на Иванов ја опишуваат како редовна средба и редовна размена на мислења. Вечерта, поранешниот американски амбасадор во Унгарија Доналд Блинкен ќе организира посебен прием за Иванов. На приемот ќе учествува и Ентони Блинкен, синот на дипломатот, кој е советник за национална безбедност на потпретседателот Џозеф Бајден.