Линкови за пристапност

„Надолго и нашироко“ обраќање на Гадафи во ОН


Либискиот водач Моамер Гадафи го осуди Советот за безбедност на ОН, го бранеше Талебан и критикуваше настани од изминати децении во своето прво обраќање на Генералното собрание на светската организација.

Гадафи во 96-минутното обраќање се осврна на бројни теми, вклучувајќи го и свинскиот грип, атентатот врз претседателот Џон Кенеди од 1963-та и потребата од 7,77 трилиони долари отштета за Африка од поранешните колонијални сили.

Облечен во препознатливата кафена наметка и повремено држејќи ја во рака Повелбата на ОН, либискиот водач побара постојано место за Африка во Советот за безбедност и поголема политичка моќ за континентот во рамки на Генералното собрание. Тој исто така ги критикуваше ОН што не успеале да запрат околу 65 војни ширум светот од своето формирање во 1945-та.

Гадафи ги осуди американските воени акции во Ирак и Виетнам и го бранеше Талебан, истакнувајќи дека на ова движење треба да му биде дозволено да создаде верска држава. И покрај критиките, тој сепак го пофали американскиот претседател Барак Обама, истакнувајќи дека би сакал тој засекогаш да остане на функцијата.

XS
SM
MD
LG