Линкови за пристапност

Обама најави „ново поглавје“ во меѓународната соработка


Во првото обраќање пред Генералното собрание на ОН откако стапи на функцијата, американскиот претседател Барак Обама истакна дека САД се подготвени да отпочнат „ново поглавје“ во меѓународната соработка по неколкугодишните проблематични односи со светската организација.

Обама вети енергични напори од американска страна за постигнување на мир на Блискиот Исток како и дипломатски ангажман со Северна Кореја и Иран за решавање на загриженоста околу нивните нуклеарни програми.

Обама истакна дека неговата администрација, во овие девет месеци откако е на функцијата, се зафатила со многу прашања што создадоа затегнување на односите меѓу САД и меѓународната заедница за време на владата на пореншниот претседател Џорџ Буш. Тој рече дека САД не можат сами да ги решат светските проблеми и дека е време сите земји-членки на ОН да го преземат својот дел од одговорноста во справувањето со глобалните предизвици, вклучувајќи ги климатските промени и неширењето на нуклеарното оружје.

Во речиси 40-минутниот говор, претседателот цитираше делови од неговите укази, на пример за прекинување на каков и да е вид на тортура на притвореници и затворање на центарот Гвантанамо на Куба, како и назначувањето на Џорџ Мичел за специјален американски претставник за справување со израелско-палестинскиот конфликт.

Обама подвлече дека иницијативите на неговата администрација веќе постигнале одреден напредок, но дека задачите некогаш го надминуваат капацитетот на САД и затоа се потребни колективни напори, во кои би се вклучиле и поранешните критичари на американската политика.

„Да биде јасно - ова не може да биде ангажман исклучително на Америка. Оние кои ја критикуваа Америка дека реагирала унилатерално сега не може да стојат настрана и да чекаат на Америка самата да ги реши светските проблеми. Со зборови и на дело се залагаме за нова ера на ангажман со светот и сега е време сите да ја преземеме својата одговорност за глобален одговор на глобалните предизвици“, подвлече Обама.

Еден ден откако издејствува прва лице-в-лице средба меѓу израелските и палестински лидери од завршувањето на војната во Газа минатата година, Обама истакна дека САД ќе продолжат да се залагаат решението за блискоисточниот конфликт да биде постоење на две држави. Тој рече дека тоа налага крај на антиизраелското расположение меѓу Палестинците, како и дека САД не ја „прифаќаат легитимноста“ на натамошно подигање на еврејски доселенички населби.
Обама воедно побара повеќе од вербална поддршка од другите земји-членки на ОН во однос на блискоисточниот мировен процес.

„САД не му прават услуга на Израел кога напоредно со непоколебливата посветеност на неговата безбедност не инсистираме и Израел да ги почитува легитимните барања и права на Палестинците. Исто така, земјите од оваа организација не им прават услуга на Палестинците кога користат зајадливи напади против Израел околу конструктивната подготвеност за признавање на легитимноста на Израел и неговото право за постоење во мир и безбедност“, подвлече Обама.

Обама, кој во средата претседаваше со специјалната сесија на Советот за безбедност на ОН за нуклеарно разоружување, рече дека нуклеарните потези на Иран и Северна Кореја се закана светот да западне во „опасна насока“ кон неконтролирано ширење на оружјето.
Американскиот претседател подвлече дека САД се определени за дипломатија за да се надмине загриженоста поради нуклеарните амбиции на обете земји, подвлекувајќи дека ова е уште една област во која е потребна активна подршка од страна на светската заедница.

XS
SM
MD
LG