Линкови за пристапност

Иванов во Њујорк се сретна со Расмусен


Македонска делегација на чело со претседателот Ѓорге Иванов е во Њујорк на 64-тото Генерално собрание на ОН. Иванов во понеделникот имаше одвоени средби со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и холандскиот премиер Јан Петер Балкененде. Заедно со 80-тина државници, шефот на македонската држава учествуваше и на Самитот за климатски промени, а попладнево е на годишниот состанок на Глобалната иницијатива Клинтон на поранешниот американски претседател, на кој се бараат конкретни решенија за најургентните глобални проблеми.

Според информациите од неговиот Кабинет, Иванов во петок ќе разговара со првиот човек на Светската организација Бан Ки-мун. На маргините на Собранието тој ќе има билатерални средби со државници од кои веќе се потврдени оние со претседателот на Латвија Валдис Затлерс и премиерот на Албанија Сали Бериша. Говорот на Иванов пред Собранието во петок, според распоредот, ќе биде при крајот на утринската сесија на Генералното Собрание, или некаде помеѓу 17 и 19 часот навечер по македонско време.

Во Њујорк не отпатуваа Антонио Милошоски и Дора Бакојани, но и без првите луѓе на дипломатиите на Република Македонија и Грција ќе има активности поврзани со преговорите околу името. Иванов и преговарачот Зоран Јолевски ќе разговараат со посредникот Метју Нимиц во четврток. Нимиц, меѓутоа, не смета на средба со грчката делегација, поради болеста и откажувањето на Бакојани. Од македонската делегација велат дека не планираат формална средба со грчките претставници во Њујорк. Проблемот со името ќе биде една од темите опфатени во обраќањето на Иванов пред Собранието.

Македонскиот претседател во среда ќе оствари контакт и со американската влада, на средбата со заменик-државниот секретар Џејмс Стајнберг. И од македонска страна, и од Стејт департментот не даваат многу информации, освен воопштената формулација дека се работи за вообичаена билатерална средба на која ќе се разгледаат прашања од тековен интерес. Од Кабинетот на претседателот Иванов не исклучуваат можност за неформална средба со првите луѓе на американската администрација на бројните приеми и настани за време на Генералното собрание.

XS
SM
MD
LG