Сите знаци укажуваат дека економијата одново ќе започне да расте, смета американскиот претседател Барак Обама. Во серија снимени интервјуа за пет ТВ-мрежи, Обама подвлече дека повторно работат финансиските пазари и дека главен предизвик ќе биде да се вратат сите загубени работни места. Тој кажа дека состојбата со невработеноста веројатно во прво време нема да се подобри, па дури може и да се влоши во наредните неколку месеци.
Обама говореше и за истрагата на наводите дека агенти на ЦИА малтретирале притвореници при испрашување за време на владата на претседателот Буш. Поранешни директори на ЦИА го повикаа Обама да ја запре истрагата. Тој кажа дека не сака да биде вовлечен во задушување на истрагата ниту пак дека се впуштил во „лов на вештерки“, туку дека на крајот на краиштата, законот е закон и мора да се спроведува подеднакво.