Линкови за пристапност

Клинтон: САД не се откажуваат сосема од одбранбениот противракетен штит


Американската државна секретарка Хилари Клинтон го бранеше новиот пристап на администрацијата на Обама кон одбранбениот противракетен штит во Европа, истакнувајќи дека тоа не значи откажување од програмата, туку трансформирање кон порелевантни закани кои ги претставува Иран.

Во обраќањето во Институтот Брукингс во Вашингтон, Клинтон ја најави агендата на администрацијата на претседателот Обама за новото Генерално собрание на ОН кое почнува следната недела.

Таа го искористи обраќањето да одговори на критиките за одлуката на претседателот Обама за напуштање на плановите за распоредување одбранбен противракетен штит за проектили со долг дострел во Полска и во Чешката Република во замена за регионален систем насочен за пресретнување проектили од среден достел кои во моментов ги поседува Иран.

Наглиот прекин на проектот на бушовата администрација предизвика вознемиреност кај европските сојузници и иницираше жестока критика од американските конзервативци, кои велат дека администрацијата на Обама омекнува поради руските противења на програмата.

Клинтон рече дека новиот план, кој се потпира првенствено на проектили–пресретнувачи распоредени на бродови, ќе значи поефикасен одбранбен систем неколку години порано отколку недокажаниот и скап пристап од претходната администрација.

Таа ја подвлече американската и НАТО определбата кон владите во Варшава и во Прага и инсистираше дека руското противење не играло улога во калкулациите на претседателот Обама:

“Донесената одлука не е поради Русија, туку поради Иран и заканата што ја претставува таа земја со својата програма за балистички проектили. Верувам дека ќе бидеме во многу посилна позиција да се справиме со заканите со технологија која функционира, и со поголема доверба можеме да кажеме дека она што го ветуваме ќе го оствариме.“

Клинтон на маргините на Генералното собрание на ОН следната недела ќе се сретне со колегите од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија, што е претходница на средбата на 1-ви октомври на која можеби ќе биде постигнато решение меѓу дипломатите од Групата 5+1 и иранскиот нуклеарен преговарач Саид Џалили.
Таа сугерираше дека истекува времето за Иран да ја отстрани меѓународната загриженост за нуклеарната програма, и дека треба да се соочи со понатамошни меѓународни санкции и изолација. Клинтон изрази сомневање во искрените намери на Техеран по неодамнешното насилно згаснување на анти-владините протести во земјата.

Американската државна секретарка подвлече дека неширењето на нуклеарно оружје и разоружувањето се клучни приоритети на САД во ОН, и тоа ќе биде нагласено со планот без преседан претседателот Обама да претседава со специјалниот состанок на Советот за безбедност на оваа тема следната недела.

XS
SM
MD
LG