Линкови за пристапност

Шефот на ЦИА вели Карзаи e најверојатен победник на изборите во Авганистан


Официјалните прелиминарни резултати од неодамнешните авганистански претседателски избори покажаа дека актуелниот претседател Хамид Карзаи е победник, но оти изборите минале со неправилности. Комисијата на ОН која ги надгледуваше изборите нареди делумно пребројување на гласовите.

Шефот на ЦИА верува дека тоа нема да направи голема разлика во конечниот исход.

Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка, директорот на ЦИА Леон Панета вели дека дури и да бидат исклучени лажираните гласови, претседателот Хамид Карзаи најверојатно ќе биде реизбран на финкцијата:

„Очигледно е дека има некој степен на корупција и лажирање во изборите. Сега тоа се разгледува од комисијата која е вклучена во пребројувањето на гласовите. Мислам дека дури и ако се отстранат некои од гласовите кои под сомнение за лажирање, на Карзаи се уште се гледа како на победник“.


Прелиминарните конечни резултати покажаа дека Карзаи има доволно гласови да избегне втор круг со неговиот соперник, поранешниот министер за надворешни работи, Абдула Абдула. Карзаи луто негираше дека постои измама со гласовите и рече дека има преувеличени извештаи за изборната корупција.

Изборите доаѓаат во круцијално време кога САД ја преразгледуваат стратегијата во Авганистан и потребата од евентуални нови трупи во земјата. Талебан го прошири просторот на влијание и врши напади врз трупите на НАТО.

Шефот на ЦИА вели дека борците на Талебан во 2009-та не се како што беа во 2001-ва и оти има различни групи, племенски поврзани, кои се со различни каузи.

„Нема единствено движење на Талебан. Загрижени сме за тие акции, во кои гинат Американци, загрижени сме што тие групи се ефикасни во тоа што го прават. Тоа не` загрижува, нас и претседателот на САД.“

Панета вели дека Талебанците кои вршат напади врз силите на НАТО добиваат помош преку границата со Пакистан:

„Мислам дека ќе продолжат да добиваат охрабрување од ал-Каида во Пакистан и заради тоа на нив гледаме како на закана за мирот во Авганистан“, вели Панета.

ЦИА беше подложена на критика поради бруталните методи на испрашување на борци на ал-Каида и Талебан. Тие техники биле нарачани од високи официјални лица од бушовата администрација. Зборувајќи пред вработените на агенцијата во април, претседателот Обама првично вети дека нема да спроведе истрага или да гони високи лица на ЦИА откако документи на Одделот на правда обелоденија детали од суровите методи на испрашување. Но, во август, државниот обвинител Ерик Холдер нареди истрага за тоа кој кој бил вклучен во таквите активности и по чија наредба. Панета жестоко се противи на одлуката.

Прашан за неговиот став - што има да им каже на лутите службеници на ЦИА кои се чувствуваат измамени поради одлуката на администрацијата на Обама, тој одговара дека им рекол „да останат фокусирани“, и да не се зафаќаат со политиката од минатото, зашто тоа ќе ги спречи да ја вршат работата во иднина.

И покрај противењето, Панета рече дека тој и агенцијата ќе соработуваат во истрагата.

XS
SM
MD
LG