Министрите за финансии и други претставници ги подготвуваа претстојните разговори меѓу шефови на држави и влади од Групата најразвиени и земји во подем, со оценки на постигнатиот напредок кон глобално економско опоравување и со работа на нови правила воведени за подобрување на состојбата на финансиските пазари, како и за намалување на ризикот и од идни колапси.
На пример, веќе постои агенда за постигнување на договор со кој од банките се бара да чуваат повеќе средства во резерва, во случај на пореметување на заемите и инвестициите.
Вакви одредби значат дека финансиските фирми ќе се соочуваат со помал ризик во случај на криза, бидејќи ќе позајмуваат помалку средства. Но во поволни економски услови тие ќе бидат и помалку профитабилни.
Сепак, земјите од Г-20 не можат да се договорат за новите правила за ограничување на огромните бонуси кои финансиските фирми ги даваат на директорите. Некои експерти велат дека бонусите ја влошиле и онака тешката економска ситуација во глобални рамки. Европските министри за финансии, како Кристин Лагард од Франција, се залагаат за строги ограничувања на тие исплати.
„Решени сме внимателно да ја следиме акцијата, и овој пат нема да ја испуштиме топката. Финансиската регулатива е премногу важна, а бонусите се премногу високи да се дозволи работите да продолжат како досега“, изјави Лагард.
Некои банкари добија големи награди заради преземањето на огромни ризици кои резултираа со краткорочен профит. Во одредени случаи тие инвестиции се претворија во неуспех и значеа толку голема загуба, што владите спасуваа одредени банки кои беа на работ на колапс.
Франција и Германија се залагаат за ограничување на бонусите, додека САД се резервирани по идејата. Група експерти се очекува да ги изложи своите ставови за време на самитот на Г-20 во Питсбург.
Во меѓувреме, економските експерти вклучувајќи го и кинескиот министер за финансии, Ксие Ксурен, велат дека глобалната економија се опоравува од кризата која започна пред околу една година. Тој сепак вели дека е прерано да се прекинат напорите за поттикнување на економиите, вклучувајќи ја огромната потрошувачка на јавни проекти со кои би се зголемила побарувачката за материјали и работници и големо намалување на каматните стапки.
Клучното прашање по кое Г-20 ќе мора да одлучи е кои стимулативни напори да ги контролира, кога и како.
Доколку стимулативните напори завршат пребрзо економистите велат дека светот може повторно да западне во рецесија. Доколку стимулативната потрошувачка се одвива предолго, постои опасност од зголемување на националните долгови, а се јавува и ризик од појава на инфлација.
Тед Труман е научен соработник од Институтот Петерсон. Тој вели дека координацијата меѓу државите е од клучно значење.
„Доколку во некоја од овие земји се случи нешто лошо, доколку постои криза во Кореја, на пример, тоа ќе влијае на целиот свет. Ако има криза во Бразил, ќе влијае насекаде. Кризата во САД, влијае на светот“, вели Труман.
Британскиот премиер Гордон Браун истакнува дека токму затоа земјите од Г-20 мора да работат заедно.
„Она што сите земји го научија изминатава година, е поважно од кога било претходно, дека потребно е да работиме, соработуваме и дејствуваме заедно“, вели Браун.
Доменико Ломбарди од Институцијата Брукингс вели дека земјите од Г-20 се согласни за причината на оваа криза.
„Сметам дека следниот предизвик на претстојниот самит на Г-20 би бил обид да се најде разбирање кон подолгорочен и поодржлив став за развој на глобалната економија“, изјави Ломбарди.
Клод Барфилд од Американскиот институт Ентерпрајс, вели дека оваа средба најверојатно нема да продуцира потпишување на големи спогодби. Но тој сепак мисли дека средбата ќе има позитивен психолошки ефект. „Искуството од изминативе неколку години“, вели тој, „покажува дека психологијата има големо влијание на финансиските пазари“.
Она што се почитува на пазарите е и економската моќ, а на земјите од Г-20 отпаѓаат 80 проценти од целокупното производство и две третини од нивните жители.