Во американскиот Стејт департмент беше презентиран извештајот „Дуинг бизнис за 2010-та“, при што беше истакнато дека Македонија е на третото место во светот меѓу најдобрите реформатори во подобрување на бизнис-климата.
Македонија севкупно е рангирана на 32-ро од вкупно 183 земји, што е за 37 места подобро од лани, кога беше на 69-то позиција. На презентацијата на извештајот во Стејт департментот претставници на американската влада и на Светската банка истакнаа дека подобрувањето на економската клима во приватниот сектор е услов за напредување на секое општество. Во тој контекст беше дадена поддршка за агресивната реформска агенда на првите 10-ти земји – најдобри реформатори во најновиот извештај на Банката, меѓу кои е и Македонија.
Пенелопи Брук, вршител на должноста потпретседател на Оделот за развој на финансискиот и приватен сектор при Светската банка, која штотуку се вратила од Македонија, за Гласот на Америка на македонски говори за рејтингот на земјата со оглед на фактот дека за три години скокнала вкупно 60 места нагоре на листата на „Дуинг бизнис“:
„Македонија има направено многу реформи во доменот на регистирање фирми во земјата. Тоа е резултат на вложен труд во изминатите години. Подобрени се прописите со цел да се олесни бизнис климата, вели Брук.
На прашањето зошто, сепак, е ниско нивото на странски инвестиции и покрај ваквиот напредок, Брук кажа дека нивото на странски инвестиции во Македонија растело пред кризата, но оттогаш бележи опаѓање.
На нашето прашање за тоа на која област Македонија треба да посвети внимание во иднина, Брук вака одговори:
„Една од областите каде Македонија не е толку силна е во дозволите за градба, што многу чинат и потребно е многу време да се добијат. Наоѓањето начини да се намалат застоите и трошоците во оваа област би било од корист за локалните бизниси“.