Линкови за пристапност

Реакции во Конгресот за промена на политиката за систем за противракетна одбрана


За време на редовниот неделен брифинг за новинарите на Капиток Хил, спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, ја пофали одлуката на претседателот Барак Обама да преземе нов пристап во одбраната против потенцијална закана за напад со балистички проектил од Иран.

Пелоси истакна дека за промената во политиката била информирана од советникот за национална безбедност Џејмс Џонс, и дека смета оти тоа е огромен чекор напред.

„Фактот што е извршено преиспитување на заканата, што зеле предвид со каква технологија се располага во моментов, што значи промената за нашите односи со НАТО и за нашите билатерални односи со Русија, сметам дека е многу, многу важно“, изјави Пелоси.

Републиканското малцининство во Конресот е критички настроено.

Републиканскиот конресмен Марк Кирк од Илиноис, одлуката на претседателот ја нарече удар за Полска и охрабрување за Иран.

„Иран, држава-спонзор на тероризмот, сега произведува проектили со најдолг дострел во терористичкиот свет. Одлуката на актуелната администрација е особено иронична, бидејќи Полска тукушто најави дека ќе испрати дополнителни трупи во Авганистан. Америка со ова ќе ја изневери Полска, испраќајќи порака на слабост до нашите полски сојузници, но и до луѓето во Иран кои работат на изградба на нов арсенал проектили“, изјави конгресменот Кирк.

Лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, Џон Бонер истакна дека одлуката само значи охрабрување за Русија и Иран на сметка на американските сојузници во Европа.

Од друга страна, претседавачот со Комисијата за оружени служби при Претставничкиот дом, демократот Ајк Скелтон, вели дека новата стратегија за противракетна одбрана за Европа, претставува темелен пристап кој би се спротиставил на заканите од гранатен напад од Иран, а воедно би ги заштитил нашите сојузници и трупи во регионот.

Претседавачот на Сенатската комисија за вооружени служби, Карл Левин, додаде дека американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс го уверил Конгресот дека и Полска и Чешката Република реагирале позитивно на промената на политиката за противракетна одбрана.

Во меѓувреме, и демократите и републиканците на Капитол Хил велат дека чекаат на дополнителни брифинзи од страна на администрацијата на Обама по ова прашање.

XS
SM
MD
LG