Линкови за пристапност

Пациентите и здравствените трошоци


Околу 65 проценти од Американците имаат приватно здравствено осигурување, кое се очекува да ги покрие сите трошоци, од рутински лекарски прегледи, до третмани за сериозни заболувања. Но, дури и луѓето со најдобар план за здравствено осигурување, дознаваат предоцна дека компанијата можно е одбие да плати за нивните издатоци.

Арам Вилијамс е како многу двегодишни деца, активен е, среќен и се труди да го достигне својот постар брат. Тешко е да се поверува дека пред една година, ова дете било дијагностицирано со срцево заболување, за што била потребна операција.

Неговата мајка, Џерен, раскажува дека се` почнало од обична настинка, за на крај да се постави ваква сериозна дијагноза. Таа вели дека не е воопшто лесно, особено кога требало да се платат сметките од болничкото лекување.

„Болницата во која што бевме го прифати нашето осигурување, но одредени специјалисти не го сторија тоа. Тогаш почнавме да ги добиваме изненадувачките сметки, иако бевме осигурани“, изјави Џерен.

Осигурителната компанија се согласила да покрие голем дел од трошоците поврзани со операцијата, болничкиот престој и опоравувањето на Арам. Но, ситуацијата се промени кога неговиот лекар го препишал популарниот лек „Вајагра“, за третман на состојба на белите дробови како последица од операцијата.

„Лекарот напиша цело писмо со објаснување зошто е потребен лекот, по што до осигурителната компанија ги испративме сите медицински наоди. Сепак нашето барање беше одбиено, а се работи за мошне скап лек“, вели Џерен.

Затоа, семејството на Арам морало за лекот да плаќа околу 600 долари месечно, како дополнение на петте илјади долари годишно за лекарски прегледи.

Постојат многу слични случаи како овој на Арам. Пациентите буквално преговараат со осигурителната компанија за да ја добијат соодветната здравствена грижа.

Поборниците за реформи во здравствениот систем велат дека премногу често парите се фактор за тоа дали некој ќе добие соодветна грижа или не. Клучната цел на реформата е да се осигура дека осигурителните компании ќе обезбедат покритие за своите пациенти, но и да не го скратат покрието за болните луѓе.

Д-р Дејвид Вулси од болницата Џексон Меморијал во Мајами, вели дека според актуелниот систем, дури и оние пациенти со здравствено осигурување, се повеќе загрижени за нивните заштеди, отколку за нивното здравје.

Но, не мислат сите дека реформите во американското здравство ќе гарантира поголемо покритие. Критичарите сметаат дека зголемиот притисок врз приватните осигурителни компании од страна на владата, може да им наштети на луѓето кои се задоволни со она осигурување што го имаат.

Што се однесува до случајот со двегодишниот Арам, на крајот осигурителната компанија се согласила да ја подмири сметката за лекот „вијагра“ откако неговата мајка јавно проговори за проблемот. Во моментов Арам нема потреба да го зема овој лек, но мајката вели дека нивниот финансиски предизвик е далеку од завршен. Ова семејство веќе има огромен долг и стравува дека осигурителната компанија може да ги отстрани од планот, поради зголемените трошоци.

Во меѓувреме, сите го чекаат исходот од иницијативата на претседателот Обама за реформи во американското здравство. Следен на потег е Конгресот.

XS
SM
MD
LG