Линкови за пристапност

Американската администрација го менува планот за Европскиот одбранбен ракетен систем


Претставници на американската одбрана велат дека администрацијата прави големи промени на плановите за ракетен одбранбен систем во Полска и во Чешката Република.

Портпаролот на Пентагон, Џеф Морел, вели дека промената подобро ќе ги заштити американските сили во Европа од иранска закана на ракети со кус и среден дострел. Тој кажа дека САД заклучиле дека Иран е помалку фокусиран на развивање проектили со долг дострел, што било главната причина за развивање на системот.

Претходно, чешкиот премиер Јан Фишер кажа дека американскиот претседател Барак Обама во телефонски разговор доцна во средата го информирал дека САД нема да го градат системот.

Поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш предложи поставување пресретнувачи на проектили во Полска и радар во Чешката Република, како одбрана против ирански проектили.

Во Москва, портпаролот на руското Министерство за надворешни работи кажа дека неговата држава ја поздравува таквата промена.
Русија планираниот систем го нарече закана за руската безбедност. Наедно, беше лута што системот требаше да биде изграден во две поранешни советски сојузници.


Вестите доаѓаат само неколку дена пред Обама да се сретне со рускиот претседател Дмитри Медведев во Генералното собрание на ОН во Њујорк, и пред средбата на 20 најиндустријализирани светски држави во Питсбург, Пенсилванија.

Администрацијата на Обама наводно размислува за неколку алтернативи на системот за противракетна одбрана во источна Европа, меѓу кои и распоредување на пресретнувачи на проектили со кус дострел.

XS
SM
MD
LG