Претставници на американската армија велат дека американските специјални сили во понеделникот извршиле напад во јужна Сомалија и го усмртиле Кениецот Салех Али Салех Набан, осомничен за тероризам.
Според очевидци, војници во најмалку два хелихоптера пукале врз возило во близина на градот Бараве, при што загинале најмалку двајца патници, а повредени се двајца други.
Американските претставници велат дека во нападот е убиен Набан, кого властите го поврзуваат со Ал Каида. Американското разузнавање трагаше по него за информации за нападите врз хотел и авион во Момбаса, Кенија во 2002-та година.
Властите додаваат дека специјалните трупи неговото тело го зеле во американска надлежност.
Областа Бараве е под контрола на бунтовничката група ал-Шабаб, која се залага да ја собори сомалиската влада.
САД ја сметаат ал-Шабаб за терористичка организација и ја обвинуваат за поврзаност со Ал Каида и за обезбедување засолниште на лица осомничени за тероризам.