Линкови за пристапност

Сенатот расправа за закон за заштита од биолошки напади


Во 2001-ва, само една недела по терористичките напади од 11-ти септември, смртоносната бактерија антракс преку пошта беше испратена до американските сенатори и медиуми. Од изложеност на антракс починаа пет лица, а 17 се заразија. Повеќето експерти се согласни дека САД беа неподготвени за евентуален биолошки напад, а некои тврдат дека тоа е случај до ден-денес.

Независна комисија, која ја назначи Конгресот, предвидува дека некаде во светот во наредните години ќе биде извршен биолошки напад. Токму оваа информација ги поттикна сенаторите од Комисијата за домашна безбедност да изготват предлог-закон за спречување на ваков напад.

Федералното истражно биро наведува дека околу 15.000 лица во САД се овластени да ракуваат со најопасните патогени материјали во вкупно 400 научни објекти во САД. Еден од објектите е и американската армиска лабораторија Форт дитрик во близина на Вашингтон, од каде, како што претпоставуваат во ФБИ, излегол антраксот во 2001-ва.

Легислативата предвидува категоризирање на опасните патогени материјали по групи и зајакнато обезбедување за најопасните, како и намалување на ограничувањата за оние кои не претставуваат кредибилна закана.

Малите сипаници и антраксот би биле во првата, најопасна група. Се предвидува годишно да се издвојуваат по 50 милиони долари за зајакнатото обезбедување.

Американските сенатори се надеваат дека предлог-законот ќе воспостави стандарди што би ги следел целиот свет.

„Во светот постојат околу 20 земји - главни производители на патогени материјали. Дополнителни 20 па и повеќе ги зголемуваат своите способности. Потребно е да го контролираме ова прашање сега, затоа што времето не е на наша страна“, вели Боб Греам, кој претседава со Комисијата што предвидува дека во иднина ќе се случи биолошки напад.

Со предлог-законот би се идентификувале земјите во ризик, а потоа би им се пружила помош во засилување на обезбедувањето во лабораториите. Предвидена е и обука на научниците кои ракуваат со патогените материјали од првата, најопасна група. Мерката предвидува првични 40 милиони долари за меѓународно справување со проблемот, а потоа и 75 милиони во 2011-та година.

Одредени експерти биле изненадени кога дознале дека ваквиот вид на безбедносни мерки не биле применет веднаш по нападите од 11-ти септември. Научниците и законодавците велат дека тоа се должи на ривалството меѓу владините агенции и недостатокот на комуникација.

XS
SM
MD
LG