Линкови за пристапност

Иран се согласи на разговори со најголемите сили во октомври


Иран се согласи да започне разговори со шест светски сили за глобалните економски и безбедносни проблеми следниот месец, што би била прва таква дискусија за повеќе од една година.

Портпарол на шефот за надворешна политика на Европската унија Хавиер Солана во понеделник кажа дека средбата е закажана за 1 октомври.

Портпаролката Кристина Галак кажа дека разговорите се очекува да вклучат претставници од САД, Русија, Кина, Франција, Британија и Германија.

Иранските медиуми велат дека главниот преговарач на државата за нуклеарни прашања Саед Џалили се согласил да одржи разговори за време на телефонскиот разговор во понеделник со Солана. Локацијата на средбата не е објавена.

Американскиот секретар за енергија, Стивен Чу, вели дека средбата е „важен прв чекор". На новинарите на средбата на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена тој им кажа дека американските претставници „се надеваат на најдоброто".

Минатата недела, САД и пет други сили (Британија,Франција, Германија, Русија и Кина) ја прифатија иранската понуда за одржување преговори по широка лепеза прашања.

Администрацијата на Обама кажа дека на разговорите ќе го покрене прашањето за иранската нуклеарна програма, и покрај тоа што Иран рече дека одбива да дискутира по прашањето. Западните нации го обвинуваат Иран за активности во насока на развивање нуклеарно оружје под велот на цивилна енергетска програма, обвинение што Техеран го отфрла.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во недела кажа дека Иран има „неотуѓиво" право да поседува мирнодопска нуклеарна технологија и дека нема да преговара по тоа право.


XS
SM
MD
LG