Линкови за пристапност

Француски генерал на клучна позиција во НАТО


Францускиот генерал Стефан Абриал ја презеде функцијата врховен командант на силите на НАТО во Норфолк, Вирџинија, само неколку месеци откако францускиот претседател Николас Саркози соопшти дека неговата земја повторно ќе и` се придружи на воената команда на Алијансата, 40 години откако ја напушти.

За време на неодамнешниот самит на НАТО во Стразбур, Саркози дискутираше за овој потег велејќи дека Франција своевремено била дел од истото НАТО семејство. Сите можат да сметаат на Франција, вели тој, а Франција знае дека може да смета на своите НАТО сојузници.

Позицијата во Норфолк е една од двете командни позиции што и` беа ветени на Франција кога повторно и` се придружи на Алијансата. Уште еден Французин во моментов се наоѓа на командна функција во Лисабон. Генералот Абриал позицијата во Вирџинија ја презеде од американскиот морнарички генерал Џејмс Матис. Францускиот генерал е првиот неамерикански командант на ваква висока позиција во НАТО од постоењето на Алијансата, наваму.

Новиот Генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен најновите настани ги нарече значителна пресвртница за НАТО, а експертите во Алијансата велат дека преземањето на оваа функција од страна на Европеец, е знак на побалансирана дистрибуција на власта меѓу Европа и САД. Аналитичарите додаваат и дека тоа значи оти Европа мора да го носи и својот дел од одговорноста. САД вршат притисок врз европските сојузници за испраќање на дополнителни трупи во Авганистан, а како што велат стручњаците, буџетите за одбрана во Европа се во опаѓање.
XS
SM
MD
LG