Линкови за пристапност

Обама го повика Конгресот да ја усвои реформата на здравствена заштита 


Во говор пред обата дома на Конгресот во ударен вечерен термин, американскиот претседател Барак Обама подвлече дека планот за реформа на системот на здравствена заштита има за цел да обезбеди осигурување на оние кои имаат потреба од него, но и сигурност за оние кои веќе го имаат. Истакнувајќи ги основните цели на планот, Обама го наведе намалувањето на трошоците за здравствената заштита и рече дека секој ден, 14.000 Американци го губат здравственото осигурување. Претседателот оцени дека неговиот реформски напор вклучува идеи од сите страни, меѓу што и од републиканските законодавци, и оти во Конгресот има договор за речиси 80 отсто потпрашања за усогласувањето на реформата.

Обама обелодени детали од неговиот предлог во висина од 900 милијарди долари што ја вклучува и можноста за владино здравствено осигурување што би овозможило посилна конкуренција на приватните компании. Тој тврди дека неговиот план нема да го оптовари актуелниот буџетски дефицит на САД, туку дека ќе го елиминира расипничкото трошење во постојниот систем на здравствена заштита.

Партиските тактики на заплашување и неискрена дебата за реформата на здравствена заштита може да предизвикаат збунетост меѓу американскиот народ, предупреди Обама. Тој потсети дека неговата влада ја спасила домашната економија, благодарение на цврстата и одлучна акција. Но, додаде дека неговата администрација планира не само да гасне кризи, туку и да гради иднина. Претседателот предупреди дека реформиата на здравствениот сектор се наоѓа на врв на дневен ред на нацијата речиси половина век, но ниту една влада не забележала успех. Тој изрази решеност да биде претседателот кој ќе ја заокружи реформата што ќе отвори нови можности за милиони неосигурани Американци.

Обама наведе дека многу Американци не можат да добијат здравствено осигурување на работа, како и дека тоа е скапо за самовработените лица и додаде дека во моментов, многу Американци немаат здравстено осигурување поради медицински проблеми за чиј третман осигурителните компании сметаат дека ќе чини премногу за да биде понуден во заштитата. „Тоа е недопустливо и мора да се смени, рече Обама.

Демократите - сопартијци на Обама напати го проследија обраќањето со алпауз, за разлика од републиканците кои останаа на своите места, што ја отсликува вжештената политичка дебата на оваа тема изминатите неколку месеци.

Во официјалната реакција на републиканците на говорот, конгресменот Чарлс Бустени, кардиолог од сојузната држава Луизијана, рече дека систем на здравствена заштита, управуван од владата, не е одговор на наталожените проблеми. Тој предложи универзален пристап до здравствено осигурување, што ќе обезбеди поттици за здравствена грижа и ќе им овозможи на поединците и малите бизниси да се здружуваат за да добијат подобра цена за здравственото осигурување.

XS
SM
MD
LG