Новата учебна година во САД почна со мала доза на контроверза. Во некои заедници беше бојкотиран говорот на претседателот Обама по повод почетокот на новата учебна година, што покажа колку нацијата е политички поделена.
Пораката на претседателот до учениците беше едноставна –учете макотрпно, бидете присутни на часовите и искористете ја можноста да научите: „Имаме најпосветени наставници, родители кои даваат безрезевна поддршка и најдобри училишта во светот. Ништо од наведеното нема да вроди успех ако не си ги исполните вашите обврски“, рече претседателот Обама.
Ова беше говор за образованието што дојде во време на економска неизвесност за многу американски семејства. Обама рече дека ја разбира напнатоста која многумина ученици ја чувствуваат: „Околностите во вашиот живот – како изгледате, од каде доаѓате, колку пари имате, што ќе правите дома – не треба да бидат изговор за одвраќање на наставникот, бегањето од часови или целосно напуштање на училиштето. Нема оправдувања да не се потрудите“, рече Обама.
Претседателот Обама зборуваше во средно училиште во Арлингтон, сојузната држава Вирџинија, недалеку од Белата куќа. Во тоа училиште има ученици од различни етнички и економски групи. Неговата порака беше пренесена многу подалеку од кампусот на „Вејкфилд Хај“. Се слушна ширум САД, преку интернет и преку кабелските телевизии.
Критичарите од претседателот го осудија говорот како обид на Белата куќа да ја промовира домашната агенда на претседателот. Некои родители им рекоа на нивните деца да го бојкотираат обраќањето. Еден ученик од Колорадо, кој тоа го сторил, кажа: „Мислам дека треба нашите родители да ни даваат повеќе поддршка во образованието и во се` друго отколку претседателот.“
Но, оваа мајка од Северна Каролина рече дека говорот може да има позитивен одглас: „Кога децата ќе слушнат нешто за мотивација од некој како него, тоа е фантастично“.
Белата куќа презема невообичаен чекор со промовирање на обраќањето на претседателот на нивната веб-страница 24 часа пред тоа да се случи. Портпаролот Роберт Гибс рече дека овој потег на претседателот едноставно значи поддршка за учениците на почетокот од новата учебна година.