Причините за одлагањето се лошите временски услови, но и во барањето на хрватските експерти бродот да се испита уште еднаш, за што специјална нуркачка екипа денеска повторно влезе во водите на езерото за да ги направи потребните снимки и испитувања.
Според првичните информации, хрватските експерти предлагаат акцијата на вадење на бродот да се изведе со балони, кои, откако ќе се постават на бродот, ќе се надуваат и ќе го извлечат бродот на површината.
Бродот „Илинден“ потона на оддалеченост од околу 250 метри кај плажата „Елешец“. Во моментот на несреќата превезувал вкупно 56 луѓе. Од нив 53-ца биле туристи од Бугарија, кои имале намера да направат туристичка прошетка до Свети Наум.
Бродот „Илинден“ тргнал од пристаништето во Охрид, точно во девет часот и педесет минути.
-Во десет часот и триесет минути во близина на автокампот „Елешец“ се слушнал силен звук од внатрешноста на бродот и веднаш потоа бродот неконтролирано почнал да скршнува на десно, да се навалува на десната страна и во еден миг скршнал на спротивната, лева, страна кога и започнал процесот на тонење, изјави по повод случајот портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Истражниот судија во Основниот суд во Охрид вчера му нареди мерка притвор во траење на 30 дена на младиот, 23-годишен капетан на бродот, Сотир Филески.
Поради бродската несреќа, а како морален чин и почит кон настраданите бугарски туристи, Општинското координативно тело одлучи да не се одржат свеченостите по повод празникот 8-ми септември. Делегација на градот Охрид, предводена од градоначалникот Александар Петрески ќе присуствува и на последното испраќање на загинатите во Бугарија.
Вчерашниот ден во Република Македонија беше прогласен за Ден на жалост.