Линкови за пристапност

Тешка бродска несреќа на Охридското Езеро – 15 мртви


Бројот на загинати од бродот „Илинден" што потона во саботата претпладне во Охридското Езеро достигна 15.Се работи за туристи од Република Бугарија кои биле на тридневен излет во Охрид.Утрово, тие со бродот сакале да направат обиколка по брегот на езерото.Несреќата се случила во 10 часот и 35 минути.

Патниците од палубата, откако станало јасно дека бродот тоне, почнале да викаат по помош. За среќа, во непосредна близина бил бродот „Галеб", од каде им фрлиле појаси за спасување на давениците. Ова за „Супер радио" го изјави очевидецот Христо Стефановски, пензионер од Скопје, сместен во автокампот „Елешец".

„Се случи некаде околу 10 часот и 35минути.Бев на плажа и одеднаш слушнав викање. Задниот дел од бродот пропадна,а предниот беше горе над површината на водата. Потона за две минути. Кога слушнаме како викаат помош, ние со пријателот со чамец се упативме кон местото. Најпрво на брегот донесоа две живи жени од кои едната бешево шок и повраќаше. Немаше брза помош, но со приватен автомобил ја однесоа во охридската болница. Инаку, времето беше мирно, што значи дека причина може да биде и преголемиот број патници на бродот", вели Стефановски.

Несреќата се случила на околу 200 метри над плажата "Елешец", каде езерото е длабоко некаде околу 7 метри.

На помош веднаш пристигнале и бродовите "Галеб" и "Александрија", но и многу помали пловила како и дел од жителите кои живеат на овој потег од градот. Тие помогнале при спасувањето на туристите од водите на езерото.Настраданите со приватни автомобили, со возила на стручните екипи, но и на случајните минувачи биле пренесувани во општата болница во Охрид и во хотелскиот комплекс „Метропол – Белви".

Прв на местото на тешката несреќа што ја дигна на нозе целата македонска јавност пристигна министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Коњановски, кој изрази сочувство до семејствата на загинатите и најави дека истрагата ќе покаже дали некој е одговорен за овој немил настан.

„Јас досега бев на лице место да видамна кое место потона бродот. Се работи за длабочина од околу 6-7 метри и оддалеченост од околу 200 метри од брегот. Вклучени се единиците на Министерството за внатрешни работи и од Mинистерството за одбрана, нуркачи со опрема, а на теренот пристигнуваат и луѓето од Центарот за управување со кризи и од Дирекцијата за заштита и спасување.

Би сакал да изразам сочувство до семејствата на починатите. Ќе направиме се` што е во наша моќ да го пребараме теренот. На терен секојмиг се очекува и истражен судија и да преземе истрага", изјави министерот Коњановски.

Според неговите сознанија, бродот имал уредна документација за техничка исправност. Тој бил регистриран за 43 патници,а во кобниот момент превезувал речиси двојно повеќе. Бил произведен во Германија во далечната 1924 година, а реконструиран во 1979 година. "Илинден„ бил технички исправен и имал дозвола за пловење од Германскиот регистар по препорака на Охридската капетанија, издадена на 23 мај годинава со важност до 22 мај 2010 година.

Капетан на бродот бил 23-годишниот Сотир Филев, кој според претставници на Охридската капетанија ги имал потребните дозволи за пловење и доволно искуство. Според првичните сознанија, можна причина за несреќата е кинење сајла од кормилото, по што бродот нагло свртел, ја изгубил рамнотежата, се навалил на задниот дел и потонал.

Според Законот за внатрешна пловидба, надлежна институција за утврдување на причините на насреќата е Охридската капетанија.

Доцна попладне на аеродромот "Св. Апостол Павле" слета владиниот авион Т-154, што премиерот на Бугарија Бојко Борисов го испрати во Охридза да ги врати преживеаните од бродската несреќа назад во Бугарија.

„Јас веќе зборував со македонскиот премиер Никола Груевски и побарав од него да им помогне колку што е можно на луѓето. Владиниот авион Т-154 го испратив во Охрид за да се вратат преживеаните назад во Бугарија. Заменик-министерот за надворешни работи Марин Рајков исто така ќе замине за Охрид", изјави премиерот на Бугарија Бојко Борисов.

Владата денеска одржа седница на која одлучи, утрешниот ден – недела да го прогласи за ден на жалост во Република Македонија.

XS
SM
MD
LG