Линкови за пристапност

Потона патнички брод на Охридското Езеро


Туристичкиот брод „Илинден" утрово потонал на околу 300 метри од брегот на водите на Охридското Езеро, во близина на автокампот „Елешец". Кога ова го јавуваме спасувачките екипи се'уште работат на извлекување на жртвите, со специјални нуркачки екипи од Скопје кои според медиумските информации во близина изведувале редовен тренинг. Нема официјални информации од Министерството за внатрешни работи за бројот на жртвите во несрќата, но според медиумите досега биле пронајдени 17 тела на загинати патници, а 53 патници се спасени и привремено сместени во хотелот „Метропол"во Охрид. Присутни во автокампот со чамец успеале да спасат дел од патниците.

За несреќата јавуваат и бугарските медиуми, а македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов заминал во Охрид на местото на несреќата и според медиумските информации во Скопје, попладнето ќе разговара со бугарскиот претседател Георги Прванов. И македонската Влада изрази жалење за бродската несреќа во Охрид. На местото на несреќата пристигнал министерот за одбрана Зоран Коњановски, а кон Охрид со хеликоптер се упатиле и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и министерот за здравство Бујар Османи.

Медиумите најавуваат дека според неофицијални информации на патничкиот брод имало група од педесетина туристи од Бугарија кои патувале до "Свети Наум", но официјално се уште се утврдува идентитетот на пронајдените жртви. Засега нема ни информации за причините за несреќата, но според медиумските извештаи бродот "Илинден' се поделил на два и потонал за неколку секунди.


XS
SM
MD
LG