Линкови за пристапност

Белата куќа ја отфрла критиката за обраќањето на Обама кон учениците


Белата куќа ја отфрла критиката за претстојното обраќање на претседателот Барак Обама до учениците ширум земјата по повод почетокот на учебната година. Портпаролот Роберт Гибс во петокот коментираше дека земјата навлегла во „луда сезона“ кога претседателот на САД не може да им порача на децата вредно да учат и да останат во образовниот систем.

Некои конзервативци тврдат дека Обама ја користи можноста да промовира политичка платформа и дека ги пречекорува границите на владината вклученост во училиштата.

Белата куќа вели дека телевизиското обраќање закажано за вторник од средно училиште во сојузната држава Вирџинија, не е политички говор, туку дека претседателот ќе им порача на децата вредно да работат, да си зададат цели и да развијат одговорност за своето учење.

Училишни области во најмалку шест сојузни држави најавија дека нема да го пренесуваат обраќањето во училниците откако на тоа се спротиставиле некои управни лица и родители.

Говорот предизвика критики откако секеретарот за образование Арни Данкан испрати писмо до училишните директори, повикувајќи ги да им дозволат на учениците да го гледаат обраќањето. Одделот за образование исто така имаше изработено и материјал што содржеше сугестија учениците самите да си напишат белешка за тоа како може „да му помогнат на претседателот“.

XS
SM
MD
LG