Линкови за пристапност

Невработеноста во САД 9,6% - највисока во последните 26 години


Процентот на Американци кои не можат да најдат работа за да ги платат сметките и исхранат семејствата нараснала на највисоко ниво во последните 26 години. Според податоците што во петокот ги објави владиниот Оддел за труд, во август стапката на невработеност достигнала 9.7 проценти, за три десетини од процент повеќе од јули.

Невработеноста нараснала без оглед на тоа што опаднал обемот со кој во САД се губеа работните места. Минатиот месец биле укинати 216.000 работни места, што е најмал износ во рок од една година. Па сепак, Одделот за труд соопшти дека според најновите податоци, бројот на отпуштања во јуни и јули бил поголем од предвиденото.

Американскиот потпретседател Џозеф Бајден во петокот кажа дека бројот на загубени работни места и натаму е превисок, но дека забавената стапка со која се губат местата покажува дека се прави напредок.

Многумина економисти и некои виши владини претставници предвидуваат невработеноста да достигне 10 проценти, дури и кога економијата ќе започне да се опоравува. Без оглед на малото подобрување, Бајден коментираше дека „не толку лошо како порано не значи и добро“ и дека претседателот Барак Обама ќе го мери успехот преку бројот на отворени работни места. Тој исто така коментираше дека обемниот владин пакет за стимулирање на економијата од 787 милијарди долари помогнал во поттикнување на економски опоравок. Бајден кажа дека без пакетот можеле да бидат изгубени уште еден милион работни места.

Економистите предвидуваат дека стапката на невработеност ќе продолжи да расте, бидејќи вработувањето заостанува зад промените во другите сегменти на економијата.

Петочниот извештај на Одделот наведува дека во август нараснала и таканаречената стапка на недоволна вработеност, што ги опфаќа невработените кои нашле хонорарна работа и оние кои прекинале да бараат работа, на 16.8 проценти.

XS
SM
MD
LG