Швајцарскиот прозводител на лекови Новартис објави дека развил вакцина против вирусот Х1-Н1 на свискиот грип што може да даде резултати само со една доза. Ова откритие може да помогне во зголемување на залихите на вакцини против заболувањето на глобално ниво.
Вакцината била тестирана врз 100 лица во Британија на возраст меѓу 18 и 50 години. Учесниците кои примиле по две дози имале подобра имунолошка реакција на свинскиот грип, но на прв поглед и една доза обезбедила соодветна заштита.
Претходно, кинеските власти соопштија дека одобриле вакцина против свинскиот грип од домашно производство што се покажала ефикасна само со една доза. Производителот Синовак најави дека ќе се насочи на дистрибуција на вакцината на домашниот пазар, пред да размисли за нејзин пласман во странство.