Линкови за пристапност

Индија промовира навремено доаѓање на работа


Пораката до владините работници дека мора да доаѓаат на работа на време, дојде од највлијателните министри во индиската влада.

Министерот за домување, Пи Чидамбарам на своето работно место пристигна во девет часот. Неговиот пример се очекува да го следат илјадниците вработени во ова Министерство и тоа преку биометричко регистрирање на времето кога доаѓаат и си заминуваат од работа. Доколку задоцнат 10 минути три пати во месецот, ќе се смета дека загубиле еден работен ден.

Со овој чекор се означува почетокот на иницијатива за промена на со децении старата пракса за доцнење на работа од страна на вработените во владата. За нив уште е познато дека иако доцнат, си заминуваат порано.

Министерот Чидамбарам се надева дека пораката ќе биде примена од сите.

„Се надевам дека луѓето ќе го апсорбираат духот и целта на овој нов систем. Ова е порака до сите граѓани, дека секој треба да ја заврши работата за одредено работно време. Го разбирам концептот на флексибилно време, ќе биде дозволена одредена флексибилност, но под флексибилност се подразбира доколку се доцни 10-15 минути, тие минути ќе треба и да се одработат“.

Воведување на точност во работењето во Министерството за домување е всушност музика за ушите на илјадници луѓе кои трпеливо чекаат на владините работници да се појават на работа, а за сметка на нивното доцнење, доцни и процесирањето на различни документи како пасоши, на пример. Тие се надеваат и дека и другите вработени во владата, чија бројка изнесува три милиони, ќе го следат овој пример.

Сепак, социолозите потенцираат дека не е чесно за доцнење да се обвинуваат само бирократите. Точноста не е наклонета за Индијците воопшто. Вообичаено е да доцнат возови, луѓе не доаѓаат на време на официјални состаноци, гостите ретко се грижат доколку доцнат по неколку часа на покана за ручек или вечера, познато е дека претерано се доцни дури и со почетокот на свадбените веселби.

Затоа, бизнисмените од странство кои патуваат во Индија се советуваат да не закажуваат премногу состаноци во текот на денот, бидејќи сигурно неколку од нив ќе почнат подоцна од планираното.

XS
SM
MD
LG