Линкови за пристапност

Обама ќе го разгледа најновиот извештај - за ситуацијата во Авганистан


Белата куќа вели дека претседателот Барак Обама неделава ќе го разгледа новиот извештај на американската армија за војната во Авганистан.

Портпаролот Роберт Гибс во вторникот истакна дека Обама, кој со семејството се наоѓа во претседателското одмаралиште Кемп Дејвид во Мериленд, планира да разгледа дел од документот.

Долгоочекуваната ревизија доаѓа од командантот на американските и НАТО силите во Авганистан, генералот Стенли Мекристол.

Гибс додаде дека извештајот со назнаката „строго доверливо“, не содржи специјално барање за дополнителни американски трупи во Авганистан или други ресурси, иако тоа може да биде дополнително вклучено.

Во меѓувреме, американската армија соопшти дека во бомбашки напад во понеделникот во јужен Авганистан, загинал еден американски војник.

Во одвоен инцидент, исто така во понеделникот, загинале двајца американски војници. Август е месец со најголем број жртви на американска страна од соборувањето на талебанската влада во 2001, наваму. Во август загинале најмалку, 47 американски војници, а во јули 44.

Генералот Мекристол во извештајот наведува дека ситуацијата во Авганистан е сериозна, но дека осум-годишната војна може да се добие. Тој предлага САД и нивните сојузници да ја сменат стратегијата и да ја подобрат соработката во справувањето со Талебан и милитантите на ал-Каида. Мекристол повикува на проширување на авганистанските безбедносни сили и обнова на стратегијата насочена против бунтовниците во земјата.

Американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс изјави дека во Авганистан се случуваат бројни позитивни промени, но дека се очекува зголемување на бројот на жртвите, во време кога коалиционите сили ги запоседнуваат талебанските упоришта.

XS
SM
MD
LG