Линкови за пристапност

Чејни ја критикува истрагата на Обама за испрашувањата од времето на Буш


Поранешниот американски потпретседател Дик Чејни вели дека одлуката на администрацијата на претседателот Обама за спроведување кривична истрага околу испрашувањата на осомничени терористи од страна на САД, е политички мотивирана и штетна по американската националана безбедност.

Во интервју за телевизијата Фокс, Чејни беше критички настроен кога беше побарано да коментира по одлуката на Одделот за правда да се спроведе истрага против оперативци на ЦИА кои испрашувале лица осомничени за тероризам за време на администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш.

„Сметам дека ова е ужасна одлука“, вели Чејни.

Тој ова го изјави неколку дена откако американскиот главен правобранител Ерик Холдер нареди да се спроведе истрага против офицерите на ЦИА, за кои се верува дека ги пречекориле прифатливите методи за испрашување на осомничени терористи од ерата на претседателот Буш. Наредбата се совпадна со извештајот на главниот инспектор на ЦИА за употреба на таканаречени „засилени техники на испрашување“ во периодот по терористичките напади врз САД во септември, 2001-та година.

Чејни, долгогодишен бранител на напорите на администрацијата на Буш да се извлечат што е можно поголем број на информации од осомничени терористи, рече дека преземање на правна акција против лицата задолжени за заштита на Америка, е голема грешка.

„Од овие луѓе бараме да извршат мошне тешки задачи и во одредени случаи го ставаат во ризик сопствениот живот. Доколку сега се предмет на истрага и судска постапка, никој нема да сака да се пријави за вакви мисии. Ова има негативен ефект врз моралот во редовите на разузнавањето“, подвлече Дик Чејни.

Поранешниот потпретседател го обвини претседателот Барак Обама за промена на неговиот став дека ќе одел напред, а не да се враќа назад, кога се работи за собирање на разузнавачки информации, а и го критикуваше дека тоа го прави за да им излезе во пресрет на левичарските политички активисти.

Од Белата куќа велат дека одлуката да се отпочне истрага била донесена независно од страна на главниот правобранител Холдер, како правно прашање, а не политичко.

Чејни инсистира на тоа дека разузнавачките оперативци од ерата на Буш, успеале да добијат критични информации од притворениците, кои спречиле дополнителен терористички напад.

„Постојат огромни докази дека „интензивните техники на испрашување“ биле клучни да се натераат осомничените терористи за соработуваат, а добиените информации всушност спасиле илјадници животи“, рече Чејни.

Претседателот Обама не спори околу тоа дека се извлечени вредни информации за време на претходната администрација. Тој за спорно го смета само прашањето дали најсуровите техники на испрашување биле неопходни.

XS
SM
MD
LG