Властите соопштија дека двајца пожарникари кои гаселе шумски пожари во Калифорнија, загинале кога нивниот камион се превртел во планински предел во близина на Лос Анѓелес.
Пожарникарите велат дека од шумски пожари во околината на овој град во опасност се доведени најмалку 12.000 домови и други објекти.
Властите додадоа дека топлото и суво време помогнало пламенот да се прошири низ 14.000 хектари шумска површина. За понеделник се предвидуваа слични временски услови со температури од 32 степени Целзиусови. Заладување се очекува дури кон крајот на неделава.
Во пожарите што ја зафатија околината на Лос Анѓелес досега се повредени три лица, од кои двајца со сериозни изгоретини по телото.
Шумски пожари беснеат и на други делови од Калифорнија, а надлежните велат дека во северниот дел се уништени неколку домови и други објекти.