Објавен е извештајот за методите на испрашување на осомничени терористи од страна на ЦИА, со назнаката „строго доверливо“, а администрацијата на претседателот Барак Обама го стори тоа под притисок на Синдикатот за граѓански слободи на САД. Информацијата во извештајот може да води кон гонење на лица кои ги пречекориле овластувањата од претходната администрацијата на Џорџ Буш.
Документ е на 109 страници, а речиси половината се` уште се водат под назнаката „строго доверливо“ и не и` се достапни на јавноста.
Во него, детално се опишани методите на испрашувања на високи членови на Ал-Каида, кои беа осомничени за учество во терористичките напади од 11-ти септември.
Американскиот главен правобранител, Ерик Холдер е назначен на чело со истрагата. Иако го поддржува Холдер, претседателот Обама изрази доза на внимателност околу можноста за покренување на судски постапки против лицата кои ги вршеле испрашувањат на осомничените терористи, доколку тие ги почитувале правила за употреба на методи во тој период.
„Мора да ги оставиме тие методи каде што припаѓаат – на минатото. Тие методи не не` претставуваат нас, и не се дел од Америка“, истакна Обама.
Мајкл Барони од конзервативниот американскиот институт Ентерпрајс, вели дека назначувањето на обвинител за овој процес, е погрешен чекор затоа што Одделот за правда веќе изврши истрага и одлучи да не покрене обвиненија.
Поранешниот потпретседател Дик Чејни во соопштиние во понеделникот рече дека испитувањата на ЦИА обезбедиле информации кои спречиле идни напади. Со него се согласува и Мајкл Барони.
„Со нив заштитивме Американци, заштитивме луѓе ширум светот поради информациите кои ги добивме користејќи техники за испрашување. Методите беа ефикасни“, вели Барони.
Администрацијата на претседателот Обама формираше специјален оддел, кој треба да врши испитувања на осомничени терористи. Одговорноста ќе биде поделена меѓу ЦИА, Еф-Би-Ај и Белата куќа.
Се` уште не е познато дали суровите методи на испрашување од страна на ЦИА обезбедиле валидни информации. Во последниот извештај се наведува дека е тешко да се даде соодветен одговор.