Линкови за пристапност

Авганистан ќе објави делумни резултати од претседателските избори


Авганистанската изборна комисија соопшти дека денеска ќе објави некомплетни резултати од минатонеделните претседателски избори, а конечните ќе се знаат за 10 дена.

Додека се чека конечниот исход, Хазрат Омр Закилвал, актуелен министер за финансии, прогласи јасна победа врз претседателот Хамид Карзаи, кој се бори за реизбор на функцијата.

Закилвал во понеделникот изјави дека претседателот добил 68 проценти од гласовите. Портпаролот на главниот ривал на Карзаи на овие избори, поранешниот министер за надворешни работи, Абдула Абдула, го отфрли ова тврдење.

На политичкиот фронт, специјалниот претставник на ОН за Авганистан, Каи Аиде, повика на трпение додека авганистанските власти не завршат со истрагата за наводната измама при гласањето.

На безбедносен фронт, висок американски воен претставник истакна дека ситуацијата во Авганистан е „сериозна и се влошува“. Началникот на здружениот генералштаб, адмиралот Мајк Мулен неодамна изјави дека Талебан применува многу пософистицирани тактики. Тој воедно изрази и загриженост за опаѓање на поддршката во американската јавност за војната во Авганистан.

Во најновите настани, претставници на НАТО соопштија дека во бомбашки напад во јужен Авганистан, загинале четворица американски војници, со што 2009 станува најсмртоносната година за коалиционите сили од инвазијата под американско водство во 2001-ва, наваму.

XS
SM
MD
LG