Линкови за пристапност

Алкохолот и цигарите – најголема причина за прерана смрт во Русија


Ново истражување покажа дека секоја година околу еден милион луѓе во Русија умираат од болести поврзани со консумирање алкохол и цигари. Изминатите години, причината за смрт на половината починати на возраст меѓу 15 и 54 години бил алкохолот.

Во Русија цифрата на морталитетот денес е поголема од цифрата на наталитет.

Светската здравствена организација објави дека просечен Русин очекува да живее под 60 години. Во САД, животниот век на мажите е 75 години. ОН соопштија дека руската популација е во опаѓање со половина процент на годишно ниво.

Истражувањето објавено во британскиот медицински журнал „Лансет“ дојде до сознание дека конзумирањето алкохол и цигари е причина за повисоката стапка на смртност во Русија споредено со земјите во Западна Европа.

Андреј Демин е од невладина Асоцијација за јавно здравје, во Москва. Тој вели дека ова е голем фактор за демографската криза во земјата, која и се заканува на целата нација. Демин додава дека просечниот Русин пие 50 шишиња вотка годишно. Тој вели дека големиот број на конзументи е и поради лесниот пристап и ниската цена на алкохолот и цигарите. На киосците во Москва, цигарите чинат 30 центи за една кутија, а пивото е помалку од еден долар – поефтино отколку шише вода.

Рускиот претседател Дмитри Медведев ја опиша здравствената криза како закана по националната безбедност. Но, Андреј Демин го обвинува премиерот Владимир Путин дека не успеал да ги зголеми даноците за цигарите и алкохолот.

„Кога беше претседател, решавањето на проблемот го стави на врвот на неговата агенда. Во 2000-та, тој рече дека демографското опаѓање е проблем број еден за неговата земја. Но, всушност, тој оттогаш ништо не направи за промена на актуелниот негативен трен,“, вели Демин.

Министерот за здравство Татјана Голикова вели дека зголемувањето на данокот за алкохолот и цигарите треба да постепено да се имплементира:

„При зголемувањето на даноците за чувствителните продукти треба да се имаат предвид социјалните последици, така што зголемувањето треба да се врши во фази. Ќе продолжиме да се залагаме за донесување одлука, но не очекуваме тоа да се случи брзо“, вели таа.

Популарноста на советскиот лидер Михаил Горбачов опадна кога воведе нови правила за консумирање алкохол во 1980-та.

Имајќи го тоа предвид, актуелната влада во Москва, сега работи на кампања за повикување на Русите да почнат да се се грижат за своето здравје и ги потсетува на ризиците кои се поврзани со пушењето и пиењето алкохол.

XS
SM
MD
LG