Линкови за пристапност

Набљудувачите велат гласањето во Авганистан е „кредибилно“, но имало и сериозни нерегуларности


Група финансирана од САД која вршеше мониторинг на претседателските избори во Авганистан вели дека и покрај извештаите за сериозна измама, изборите досега можат се окарактеризираат како кредибилни.

Ричард Вилијамсон од Меѓународниот републикански институт пред новинарите во Кабул истакна дека набљудувачите биле присутни на 250 пунктови за време на гласањето во четвртокот.

Тој гласачкиот процес го опиша како добро организиран и успешно спроведен. Вилијамсон сепак додаде дека биле регистрирани сериозни проблеми, вклучувајќи го слабото обезбедување, што, како што кажа, било причина за слабиот одзив на гласачите.

Вилијамсон истакна и дека заканата од насилство од страна на Талебан била толку голема, што сејачите на страв имале одреден успех.

Групата регистрирала и други нерегуларности, како извештаите за продавање на гласачки ливчиња и проблеми со мастило што не се брише, со што се спречува можноста гласачите да гласаат повеќе од еднаш.

Вилијамсон кажа дека треба да се спроведе истрага по поплаките, како и тоа дека авганистанските државни медиуми при покривањето на изборите биле наклонети кон кандидатот и актуелен претседател Хамид Карзаи.

Викендов се очекува проценка за изборите во Авганистан и на Националниот демократски институт.

XS
SM
MD
LG